Се појавија нови детали за можниот телефон Samsung Galaxy S23 FE.
Samsung ја претстави серијата Galaxy S23 на почетокот на февруари оваа година. Во деновите пред претставувањето на споменатата серија се шпекулираше дека истиот ден може да пристигне и Galaxy S23 FE, но тоа не се случи. Имаше различни шпекулации за иднината, или самото постоење на овој телефон, а таа приказна добива уште една епизода.
Пред неколку дена Роланд Куанд, еден од најпознатите дојавувачи изјави дека Samsung Galaxy S23 FE најверојатно нема ни да биде претставен. Но сега на порталот SamMobile го тврдат спротивното. Тие дури го најавија и приближниот период на претставување на овој телефон, како и некои можни спецификации.
Така, од споменатиот портал наведуваат дека Samsung Galaxy S23 FE ќе биде претставен во четвртиот квартал од 2023 година, што значи меѓу октомври и декември.
Она што е особено интересно е што, според SamMobile, овој телефон би требало да се напојува исклучиво од чипот Exynos 2200 на Samsung, што би било разлика од претходниот FE модел кој пристигна во две верзии – една со Exynos и една со Snapdragon. Исто така, тоа би било промена на политиката во однос на триото Galaxy S23, кое исклучиво користи Snapdragon чип.
Фановите на Samsung беа исклучително задоволни од одлуката на Samsung за чиповите за серијата Galaxy S23, но повеќето нема да бидат задоволни со оваа информација. Се разбира, ако се покажат како точни.
Останатите спецификации вклучуваат надграден сензор за главната камера од 50 MP, батерија од 5000 mAh со поддршка за брзо полнење од 25 W и две опции за складирање – 128 GB и 256 GB. Опциите за RAM меморијата ќе бидат 6 GB и 8 GB.
Во секој случај, се очекува во наредниот период да дознаеме повеќе детали за овој телефон.