Бројот на луѓе кои секојдневно ја користат социјалната мрежа Фејсбук се зголемил во просек на две милијарди во декември, што е околу една четвртина од светската популација, пишува Би-Би-Си.
Растот е поголем од очекуваниот и резултираше со обновен оптимизам во компанијата, која е под притисок од зголемените трошоци и падот на продажбата на реклами.
Акциите на матичната компанија Мета пораснаа за повеќе од 15 отсто откако извршниот директор Марк Цукерберг ја прогласи 2023 година за „година на ефикасност“. Тој додаде дека е фокусиран на намалување на трошоците.
„Сега сме во поинаква средина“, рече тој, посочувајќи на падот на приходите во 2022 година, првпат во историјата на компанијата по години двоцифрен раст.
„Не очекуваме тоа да продолжи, но исто така не мислам дека ќе се врати како што беше“, додаде Цукерберг.
Мета, која исто така ги поседува Instagram и WhatsApp, најави големо реструктуирање минатата година, вклучувајќи намалување на канцеларискиот простор и отпуштање на 11.000 работници, или 13 отсто од својот персонал. Овие потези ја чинеа 4,6 милијарди долари минатата година, што беше удар за профитот, кој беше речиси намален на половина. Добивката изнесува 23,2 милијарди долари.
„2022 година беше предизвикувачка, но мислам дека ја завршивме со добар напредок“, смета Цукерберг.
Во трите месеци заклучно со декември компанијата остварила приход од 32,2 милијарди долари или за 4 отсто помалку во споредба со истиот период лани. Сепак, тоа е подобар резултат од очекуваниот од аналитичарите.
Мета ги вознемири инвеститорите кога го објави првиот пад на дневни активни корисници на Facebook во својата историја и сигнализираше дека се фокусира на инвестиции во виртуелната реалност или метаверс.
Сепак, во декември бројот на корисници на Facebook на дневна основа се зголеми за 4 отсто во однос на претходната година, а социјалната мрежа доби корисници од Европа, САД и Канада. Мета тврди дека бројот на дневни активни корисници на сите нејзини апликации е зголемен за 5 отсто во однос на претходната година.
Цукерберг рече дека компанијата напредува со својот видео производ, Reels, кој е фокусиран на борбата против TikTok. Reels, наводно, привлекло особено млади корисници. Тој додаде дека напорите конечно почнале да даваат резултати.
Инвеститорите ја искористија прогнозата на компанијата за пониски трошоци и поголема од очекуваната продажба, што придонесе за раст на акциите. Компанијата најави дополнителна инвестиција од 40 милијарди долари за откуп на акции, кои драстично паднаа минатата година поради сомневањата на инвеститорите за насоката по која Мета оди.