Google има нов проект: Ќе користи ласери за испраќање сигнали кои се илјада пати побрзи од денешните
Пред неколку месеци Google го претстави својот нов проект пред јавноста. Дотогаш развиен во целосна тајност, стартапот на Google Aalyria всушност вклучува две нови технолошки платформи кои треба да ги револуционизираат нашите безжични комуникации на копно, море, воздух и – во вселената.
Google и претходно беше познат по објавувањето на развојот на револуционерни технологии, како вселенски кранови и ветерни турбини, но ниту еден од овие проекти досега не се покажа успешен. Меѓутоа, истражувањето спроведено во тие проекти може да најде примена во сосема различни области, а тоа се чини дека е случај со новата комуникациска мрежа која се развива под кодното име Minkowski.
This is what it looks like when you can hand-off among #satellites, #groundstations, #optical links, and other assets. #Spacetime pic.twitter.com/SmlUg9TI2P
— Aalyria Technologies (@AalyriaTech) September 19, 2022
Неодамна претставената Aalyria комбинира атмосферска ласерска комуникациска технологија, наречена Tightbeam, и софтверска платформа за усогласување на мрежата наречена Spacetime. Крајниот резултат треба да биде „хипербрза, ултра безбедна, многу сложена безжична комуникациска мрежа на иднината“.
Како што објави компанијата, Tightbeam е најнапредната светска кохерентна ласерска безжична комуникациска технологија, која работи со брзини поголеми од која било друга технологија достапна денес, покривајќи поголеми растојанија и пренесувајќи совршено зачувани податоци низ атмосферата и сите временски услови. Tightbeam „радикално ги подобрува сателитските комуникации, Wi-Fi на авиони и бродови и мобилното поврзување низ целиот свет“.
Втората технологија е наречена Spacetime и е софтверска платформа за усогласување на работата на мрежите на копнени станици, авиони, сателити, бродови и урбани мрежи. Извршниот директор на Aalyria, Крис Тејлор тврди дека Spacetime ги „поддржува сите радиофреквенциски опсези и оптички бранови должини“ и е „дизајниран за интероперабилност со сите постоечки мрежни архитектури“.
„Клучната идеја на оваа компанија е да се поврзе сè што постои денес со се што ќе постои утре“, рече Тејлор.
Наместо да испраќа информации преку оптички кабли во земјата, компанијата користи ласери за безжично пренесување на податоци низ атмосферата. Голем број компании се обидоа да ја развијат оваа технологија, но поради различни фактори во атмосферата – како дожд, магла, облаци или топлина – ласерските сигнали ќе станат неупотребливи. Голем број експерти на Google работат на овој проблем со години, дури и децении, а сега Aalyria тврди дека нашла решение благодарение на новите хардверски и софтверски решенија кои ги неутрализираат ефектите од надворешните атмосферски фактори.
Tightbeam може да испраќа податоци со брзина до 1,6 терабити во секунда на растојание од над 150 km, што би било околу илјада пати побрзо од сличната технологија што се користи моментално. Aalyria ја покажа својата технологија со испраќање сигнал од покривот на своето седиште до планински врв оддалечен 30 километри и назад. Во вториот тест, од земјата беше испратен сигнал до приемник со големина на одбојкарска топка во авион кој лета на растојание од околу 200 километри.
„Можеме да испорачаме 1 гигабит во секунда на секое седиште во авионот“, вели Тејлор.
Spacetime треба да управува со врските помеѓу десетици илјади подвижни објекти, без разлика дали се сателити, авиони, бродови или возила. Aalyria тврди дека веќе го тестирала софтверот на мрежа од десетици сателити, авиони и копнени станици. Комбинацијата на Tightbeam и Spacetime би требало да ги поврзе сите замисливи подвижни и неподвижни објекти во иднина.
Сепак, теоријата е една работа, а практиката е нешто сосема друго. Безжичните системи базирани на ласери не успеаја да ги оправдаат очекувањата во минатото. Дали овој пат ќе биде поинаков?