Искористените и обновени електронски уреди се сè повеќе барани. Не се работи само за пари, туку и за екологија. А уште подобро е кога се купени од фирма која главно вработува лица со посебни потреби.
Продавницата AfB (Arbeit für Menschen mit Behinderung) во Келн е полна со компјутери, лаптопи, монитори и мобилни телефони од познати производители. Исто како во „вистинска“ продавница за електроника. Но, постои важна разлика: цените се „сомнително“ ниски, бидејќи на полиците нема најнови модели. Имено, сите тие се користени уреди.
Таа компанија е овластена Refurbished – тоа е фенси термин за давање шанса на малку постари уреди за нов живот. Сите уреди се проверуваат за техничка исправност, се чистат, внимателно се бришат податоците на претходните корисници, доколку е потребно, се менува некој дел што е дотраен од употреба и исто така уредот се нуди на продажба. И тоа со гаранција.
Заработката за таа компанија со повеќе од 600 соработници, главно лица со некаков вид на попреченост, не е на прво место. Дел од профитот оди дури и за хуманитарни организации. Сепак, тоа е работа што се исплати. Во текот на петнаесетте години од постоењето на компанијата, пазарот сè повеќе растеше. Има и компании кои работат целосно комерцијално, како што се Swapie или Clevertronic – бидејќи има многу добри аргументи за одлуката да се купи користен уред.
Зошто да платам за она што не ми треба?
Данијел Бихле од таа компанија од Келн ни објаснува: пред се има одржливост, која одамна стана тренд. И ако некој го сака најновиот модел, со сите овие проблеми со синџирот на снабдување, можеби нема да може да го добие. Од друга страна, токму за време на пандемијата, потребата од електронски уреди се зголеми поради работата дома. Секако, тука е и прашањето за цената во време кога и онака сè поскапува.
„За многу клиенти, новите уреди не се само преголеми – тие не се подготвени да платат за премногу опции што воопшто не им се потребни“, вели Бихле. Производителите на вакви уреди имаат своја деловна логика: на пазарот се побргу и побрзо ги презентираат новите модели, иако технологијата воопшто не оди во чекор со таа брзина. Одамна нема суштински разлики меѓу „старото“ и „новото“, како што беше пред дваесет години кога и екранот во боја беше новитет. Претежно се работи за детали и можности кои на многу луѓе воопшто не им се потребни.
Колку навистина вреди мојот телефон?
Сепак, дури и компаниите за поправка на апарати знаат што се бара и што може да се продаде: ако апаратот веќе бил евтин во продавницата, тој е речиси безвреден од втора рака – поради цела низа причини. Генерално, вреди да се работи само со уреди стари не повеќе од три или четири години, бидејќи кај постарите и поевтини модели, капацитетите на компјутерот се премногу ограничени за денешните апликации. Постои и прашање за поддршката на производителот: дали сè уште нуди надградби на програмата и дали има достапни делови. Оштетениот екран или мртвата батерија многу често воопшто не вреди да се поправа.
Добро познатото име на производителот е исто така аргумент – споменатата компанија Swapie нуди само производи на Apple на Интернет. Но, AfB вели дека успеваат да продадат околу две третини од уредите што ги добиваат. Останатите се распарчуваат и рециклираат. Профитабилноста на целиот бизнис зависи и од очекувањата на претходните сопственици за тоа колку вреди нивниот уред. „Некои чувствуваат дека им се нуди премалку само за некој да заработи пари од тоа“, вели Најц Јакопин од технолошката консултантска фирма A.D. Little. Не е лесно да се прифати фактот дека вредноста на некој најнов и скап модел на уред може да падне доста брзо и многу.
Сепак, фактот дека пазарот на користени уреди расте е добро и за тие сопственици. Тоа значи и дека вредноста побавно паѓа, па донекаде вреди да се купи топ модел. Пазарот е веќе толку голем што некои компании кои се занимаваат со реставрација сега се специјализирани само за одредени сегменти на пазарот. Може да се работи дури и за електронски уреди кои биле дадени на лизинг, па каде сопствениците се уште се фирми.