На денешен ден пред 80 години почина еден од најголемите светски умови во историјата на човештвото. Со своите неверојатни изуми и успешни патенти, тој го промени и засекогаш го задолжи светот.

Тесла е креаторот на „новиот технички поредок“, чии пронајдоци ги поставија темелите и насоката на вртоглавиот научен и технички развој на човечкиот род во 20 век. Тој измислил ротирачко магнетно поле, трифазен систем за пренос на електрична енергија, индукциски мотор, генератор и трансформатор, феноменот на електромагнетна резонанца и патентирал голем број пронајдоци на кои се заснова модерната електроника, без кои техничката цивилизација, особено преносот на електрична енергија, би бил незамислив.

Тој е и пионер на радио технологијата, безжичната телеграфија и радарот. Неговиот полифазен систем на наизменична струја ја докажа својата вредност во првата хидроелектрична централа на Нијагарините водопади.

Тој патентирал околу 700 пронајдоци во областа на наизменична струја, телекомуникациите, акустиката и машинскиот инженеринг, од кои многу нашле широка примена.

По завршувањето на студиите по електротехника во Грац и краткото стажирање во Будимпешта и Париз, се преселил во САД, каде што станал државјанин во 1884 година, но блиски контакти со својата татковина одржувал се до неговата смрт, на православниот Божиќ во Њујорк.

Во САД, навлегувајќи во тајните на осцилаторните движења на електричната енергија и материјата, тој ги постигна најголемите научни потфати. По повод стогодишнината од неговото раѓање, во 1956 година единицата за мерење на висок напон го добила името на Тесла, што е и име на единицата за јачина на магнетното поле.

Тесла добил дури 15 почесни докторати ширум светот, а зборувал осум јазици.