Египетските и британските научници претставија реконструкција на лицето на фараонот Рамзес II, создадена со помош на софтвер за компјутерска томографија (CT).
Реконструкцијата на лицето е овозможена со „дигитално одвиткување“ на мумијата на познатиот египетски фараон, а тоа е заеднички научен проект кој им овозможи на историчарите да откријат како всушност изгледал египетскиот владетел во различни фази од неговиот живот.
Научниците рекоа дека користеле претходни CT скенови на мумијата и ги обработиле користејќи софтвер за анализа. Тие потоа можеа да направат разлика помеѓу черепот и материјалите што се користат во процесот на балсамирање за да добијат 3D рендерирање на черепот. Потоа го примениле просечниот мускулен слој на лицето, односно неговите мерки, за кои веруваат дека одговараат на старите Египќани, а резултатот бил реконструкција на лицето на фараонот.
„Ова е единствената научна реконструкција на лицето на Рамзес Втори врз основа на КТ скенови на неговата мумија. Претходните обиди се главно уметнички“, рече професорката Сахар Салим од Универзитетот во Каиро.
Првите рендери покажаа како изгледал Рамзес II во моментот на неговата смрт како деведесетгодишник, а потоа експертите ги искористиле за да го „свртат“ процесот на стареење и да откријат како изгледал фараонот како четириесет и петгодишен.
„Реконструираното лице покажува многу убава личност која има истакнат нос и „силна“ вилица. Рамзес II бил голем воин кој владеел со Египет 68 години. „Оживувањето“ на неговото лице го потсетува светот на неговиот легендарен статус“, додаде Салим.
Рамзес II, како трет фараон од 19-тата династија, владеел од 1279 до 1213 година п.н.е. Тој се смета за еден од најпознатите и најмоќните фараони.