Американската вселенска агенција НАСА претстави како изгледа зимата на Марс. За време на нејзините многубројни мисии, таа ги открила ледените карактеристики на Црвената планета и колку таа всушност на моменти наликува на Земјата.

Во текот на зимата, температурата на Марс паѓа под нулата, а најниската температура владее на неговите полови, каде што се спушта и до 123 степени. Сепак, ниту еден регион нема особено густа снежна покривка.

„Снег паѓа доволно за да може да се движите со чевли за снег. Ако се бараат локации за скијање, тогаш тоа би биле кратери или карпи каде снегот би можел да се акумулира поради косата површина“, вели Силиван Пике, научник од лабораторијата за реактивен погон на НАСА.

Не е можно директно да се набљудуваат снежните врнежи на Марс поради предизвиците што ги носи работата во екстремно ладна и тенка атмосфера, но благодарение на специјализираните инструменти, научниците потврдија постоење на снежни врнежи на Црвената планета.

MRO на НАСА (Mars Reconnaissance Orbiter) може да „ѕирка“ низ облаците користејќи го својот инструмент Mars Climate Sounder. Овој инструмент може да детектира светлина на бранови должини кои не се видливи за човечкото око и благодарение на тоа може да „гледа“ низ облаците и да ја набљудува површината на Марс. Научниците открија таложење на јаглерод диоксид на оваа планета со помош на овој инструмент.

Во 2008 година, НАСА го испрати лендерот „Феникс“ на оддалеченост од 1.500 километри од северниот пол на Марс, каде што откри снег што паѓа на површината со помош на ласерски инструмент.

На Марс има два вида снег, снег од „воден мраз“ и снег од јаглерод диоксид или „сув мраз“. Поради тенката атмосфера на Марс и ниските температури, сувиот мраз се сублимира наместо да се топи, исто како што тоа го прави „водниот мраз“, а резултатот е создавање на бизарни пејзажи додека се претвора од цврста во гасовита состојба.

На Земјата, снегулките имаат шест страни или точки поради начинот на кој се формирани. Молекулите во ледените кристали се спојуваат во хексагонална структура, што е распоред што им овозможува на молекулите на водата да се формираат најефикасно. Принципот важи за сите кристали, бидејќи распоредот на атомите го одредува обликот на кристалот.

Во случај на јаглерод диоксид или „сув мраз“, молекулите секогаш се поврзани во форма на четири кога се замрзнати.

Едно од највозбудливите откритија за зимата на Марс се случува на нејзиниот крај кога акумулираниот мраз оди од цврсто директно во гасовита состојба, процес наречен сублимација. Во текот на овој процес, мразот добива чудни и убави форми кои ги потсетуваат научниците на пајаци, швајцарско сирење и слично.