Руската вселенска агенција Роскосмос размислува да испрати празно вселенско летало до Меѓународната вселенска станица (ISS) за тричлениот екипаж да го користи за враќање дома.
Причината за овој план е истекување на течноста за ладење од руската капсула која моментално се наоѓа на ISS. Роскосмос не е сигурен како дошло до малата пукнатина на надворешниот ладилник на Сојуз, но ударот на метеор е исклучен. Протекувањето се случило кога екипажот се подготвувал за рутинска вселенска прошетка.
Конечната одлука за тоа како да се врати екипажот на Земјата допрва треба да биде донесена, но има мали шанси да се користи оштетената капсула, на која и снемало поголем дел од течноста за ладење. Мисијата најверојатно ќе се изврши на друг начин, односно со испраќање на ново летало Сојуз.
Космонаутите Дмитриј Петелин и Сергеј Прокопјев и астронаутот на НАСА Френк Рубио патуваа со вселенското летало МС-22 до ISS во септември оваа година.
Програмскиот менаџер на ISS на НАСА, Џоел Монталбано, рече дека новиот Сојуз треба да биде лансиран кон крајот на февруари, па екипажот ќе се врати дома во март.
НАСА соопшти дека членовите на екипажот не се во опасност, а капсулата моментално се вентилира со проток на воздух низ отворениот отвор што води до вселенската станица.
ISS беше лансирана во 1998 година. Космонаутите вршат тестови и истражувања на станицата, што ќе им помогне на идните мисии.