Американската вселенска агенција НАСА успешно ја врати дома својата капсула Орион, која го заврши патувањето околу Месечината како дел од мисијата Артемис 1.

Орион помина речиси 26 дена на својата мисија, која заврши со спуштање на капсулата во Пацификот, откако влезе во атмосферата на Земјата и успори со падобрани. Со оглед на тоа дека се работеше за пробна мисија во рамките на програмата Артемис, немаше екипаж, но тоа ќе се промени за следните летови. НАСА планира посложени мисии за 2024 и 2025 година со цел враќање на луѓето на површината на Месечината.

Последен пат луѓето оделе на Месечината пред 50 години кога тоа го направила екипажот на мисијата Аполо 17. Новиот проект на НАСА Артемис планира да го направи тоа повторно, но со друга цел.

„За време на мисијата Аполо, невозможното го направивме возможно. Сега го правиме тоа со друга цел бидејќи сакаме да научиме да живееме, работиме и создаваме за да можеме дополнително да го истражуваме космосот. Планот е да испратиме луѓе на Марс во доцните 2030-ти и понатаму“, рече администраторот на НАСА, Бил Нелсон.

Цврстата топлинска заштита спречи капсулата да се распадне при нејзиниот прв контакт со атмосферата при брзина од 40.000 km/h, кога температурата се искачува на речиси 3.000 степени.

Деталната проверка на капсулата допрва треба да следи откако таа слета во Пацификот недалеку од мексиканскиот остров Гвадалупе.

Европската вселенска агенција (ESA) го придружуваше враќањето на капсулата како партнер кој го обезбеди сервисниот и погонскиот модул што го придвижуваше Орион до, околу и назад кон Месечината. Модулот не слета со капсулата, туку се одвои 20 минути пред да влезе во атмосферата и беше уништен додека паѓаше кон Земјата над Јужниот Пацифик.

НАСА веќе доби модул за следната мисија „Артемис“ наменета за патување со екипаж околу Месечината. Третиот модул наменет за мисијата Артемис III, кој вклучува слетување на екипаж на површината на Месечината, е во напредна фаза на производство во Германија.

Американската вселенска агенција се уште нема систем за слетување на Месечината, бидејќи е во процес на развој, а тоа го прави компанијата SpaceX. Станува збор за ракета и вселенско летало за екипажот наречен Starship. Во наредните месеци, Starship треба да го изврши својот прв лет.

За време на мисијата Артемис III, Орион треба да се сретне со Starship, кој потоа ќе ги транспортира астронаутите на површината на Месечината.

Екипажот за мисијата Артемис II ќе биде избран на почетокот на следната година.