Биографот Клаус Вивег, истражувајќи го германскиот филозоф Хегел, откри огромен куп претходно недокументирани предавања кои би можеле да ги променат перцепциите за една од водечките фигури на модерната западна филозофија.
Повеќе од 4.000 страници, белешки од предавањата на Георг Вилхелм Фридрих Хегел беа пронајдени од Клаус Вивег во библиотеката на надбискупијата Минхен и Фрајзинг.
„Откривањето на овие ракописи може да се спореди со пронаоѓање на нова музика на Бетовен или со досега невидена слика на Констабл“, вели Вивег, професор на Универзитетот Фридрих Шилер во Јена, Германија.
Тој рече дека раното читање на белешките сугерирало ново разбирање за тоа како Хегел ги формирал своите влијателни идеи за естетиката, филозофијата околу убавината и уметноста и како ги анализирал делата на Шекспир за да помогне во развојот на неговите идеи.
Се верува дека транскриптите се напишани од Фридрих Вилхелм Карове, еден од првите студенти на Универзитетот во Хајделберг на кој предавал Хегел во времето кога филозофот бил таму, помеѓу 1816 и 1818 година.
Идеите и делата на Хегел се познати по нивната огромна тежина. Британскиот филозоф Бертранд Расел го опиша како „најтешкиот за разбирање од големите филозофи“.
Вивег се надева дека новото откритие може да донесе одредена јасност.
Тим од меѓународни експерти, предводени од Вивег и Кристијан Илиес, професор по филозофија на Универзитетот во Бамберг, сега ќе ги состави трудовите во издание со коментари.