Некои корисници на Twitter веќе пријавуваат големи промени што ги гледаат во нивниот „timeline“.

Twitter почна да прикажува поголем обем на твитови од сметки кои корисниците не ги следат во рамките на нивниот „timeline“. Компанијата истакна дека сега им нуди препорачани твитови на сите корисници, дури и на оние кои успешно ги избегнувале во минатото.

„Сакаме да се погрижиме сите на Twitter да ја видат најдобрата содржина што ја нуди платформата, па затоа ја прошируваме препорачаната содржина на сите корисници, вклучувајќи ги и оние кои не виделе таква содржина во минатото“, посочуваат од компанијата.

Не е познато колку повеќе препорачана содржина може да очекуваат корисниците на нивните почетни страници на „timeline-от“ или дали Twitter нуди повеќе од оваа содржина во другите делови на својата апликација.

Досега, се чини дека препорачаните твитови нема да се појавуваат при прегледување на најновиот „timeline“, кој ги подредува твитовите хронолошки и досега не вклучувал твитови од сметки што корисникот не ги следи.

Останува да видиме како на оваа промена ќе реагира сопственикот на Twitter, Илон Маск, кој во минатото не секогаш имал добри зборови за алгоритмот на Twitter кој им препорачува содржина на корисниците.