Уште од објавувањето на моделот Asus ROG Phone 6 Pro во јули оваа година, многумина се прашуваат колку е издржлив овој телефон. Сега имаме одговор.

Минатата година, Asus ROG Phone 5 не се снајде најдобро на тестот за свиткување, понуден од Зак од популарниот YouTube канал JerryRigEverything. Во средината на оваа година пристигна неговиот наследник, а на истите тестови на издржливост беше подложен и ROG Phone 6 Pro.

За почеток, екранот Gorilla Glass Victus може да се гребе од шестото ниво на скалата на Мос, со подлабоки гребнатини од седмото ниво. AMOLED дисплејот трае околу 30 секунди под оган, по што изложената област станува црна и не се опоравува.

Страните на телефонот се направени од алуминиум, а интересно е што копчињата можат да се менуваат. Системот на камерата е направен од стакло.

На крајот беше направен најважниот тест. За жал, Asus ROG Phone 6 Pro не помина добро на тестот за свиткување, бидејќи се преполови при првиот обид. Интересно е што екранот остана недопрен, но нефункционален. Задниот дел е целосно уништен.

Ова не е толку изненадувачки, бидејќи гејмерските телефони обично не се направени за да бидат издржливи, туку да нудат најдобри перформанси и се опремени со најмоќниот хардвер и дополнителни функции за играње. Тоа значи дека треба малку повеќе да внимавате на овие телефони кога ги користите.