Американската вселенска агенција НАСА беше принудена повторно да го одложи лансирањето на мисијата Artemis I, овојпат поради тропската бура Никол што се приближи до брегот на Флорида.

Ракетата требаше да биде лансирана на 14 ноември во раните утрински часови по локално време, но тоа нема да се случи. Сепак, новиот прозорец за лансирање е 16 ноември.

„Промената на датумот на лансирање ќе и овозможи на нашата работна сила да се грижи за нивните семејства и домови и да се врати по бурата за да се подготви за повторно лансирање“, се вели во соопштението на НАСА.

Меѓутоа, доколку ракетата не биде лансирана на 16 ноември, три дена подоцна ќе следи нов обид. Доколку мисијата биде успешна, тоа ќе биде прво лансирање на масивната ракета SLS на НАСА, која е дизајнирана за патување во длабока вселена. Мисијата се вика Artemis I и вклучува патување на беспилотно летало Орион околу Месечината и назад. Целта е да се тестираат системите кои ќе бидат потребни за време на идните вселенски летови, и на крајот планираното слетување на луѓето на површината на Месечината.

Ова е втор пат кога бура ги нарушува плановите за мисијата Artemis I. Во септември лансирањето беше откажано поради ураганот Иан, а ракетата беше вратена во објектот Vehicle Assembly Building, каде што беше чувана на безбедно. Меѓутоа, овој пат НАСА одлучи да ја остави ракетата на лансирната рампа бидејќи може да издржи силен дожд и ветрови до 140 km/h.