Авионите и птиците го делат небото уште од првиот лет во 1903 година, но тоа доведе до сериозни проблеми, особено во изминатите неколку децении.
Судирите меѓу птиците и авионите резултираат со смрт на илјадници животни, а таквите инциденти можат да ги оштетат авионите и да предизвикаат одложување или откажување на летовите. Според Меѓународната организација за цивилно воздухопловство, тоа чини 1,4 милијарди долари секоја година.
Денес, се користат разни средства за одвраќање, како што се беспилотни летала и птици грабливки, вклучително и соколи, се со цел да се држат птиците подалеку од аеродромот. Сепак, одгледувањето и тренирањето соколи не е евтино, ниту е лесно да се контролираат птиците.
Решението го нуди холандскиот универзитет во Гронинген, кој разви роботски сокол.
Роботот е направен од EPP (стаклени влакна и експандиран полипропилен), се вика RobotFalcon, а распонот на крилата му е 70 сантиметри. Овој робот ги имитира движењата на голем и моќен сокол и се покажа како многу ефикасен за да ги држи птиците подалеку.
Роботот се контролира од земја и се напојува со пропелер на секое крило. Опремен е со камера на главата, така што лицето кое го контролира има поглед од прво лице.
За време на серијата тестови спроведени во 2019 година во градот Воркум во Холандија, RobotFalcon успеа успешно да ги пренасочи сите јата птици од полето за само пет минути. Дури 50 отсто од теренот беше „исчистен“ за помалку од 70 секунди.
Во споредба со дрон RobotFalcon е супериорен бидејќи дронот успеал да избрка 80 отсто од птиците во истиот временски период. Роботот тежи само 245 грама. Резултатите беа подобри во споредба со дронот, а роботот ја заврши работата побрзо.
Сепак, RobotFalcon има и свои недостатоци бидејќи мора да го управува обучен пилот и не може да се користи во дождливи и ветровити услови. Исто така, неговата батерија трае 15 минути. Недостаток е што не е толку ефикасен кога се работи за големи птици како гуски или чапји, а за таа цел треба да се развие поголем робот кој би наликувал на орел.
Ова не е првпат да се развива роботски сокол. Во 2017 година, канадскиот меѓународен аеродром Едмонтон стана првиот во светот кој користеше дронови во секојдневните операции. Потоа беше тестиран CFS Robird дизајниран од канадската компанија Clear Flight Solutions.
Приказната за роботот RobotFalcon доаѓа по судир на авион на United Airlines и јато птици. Овој авион полетал за Мајами, но се вратил во Чикаго и безбедно слетал. Станува збор за Боинг 737-900, кој требаше да патува за Мајами.
Во 2019 година, американските аеродроми пријавија повеќе од 17.000 напади на авиони од птици.
Пилотот Чесли Б. Саленберг III славно слетал авион на US Airways на реката Хадсон во Њујорк во 2009 година, откако двата мотори откажале поради судир со јато птици.