Денеска, вторник, 25 октомври, делумното затемнување на Сонцето ќе биде видливо од Европа, североисточна Африка и Централна Азија.
Месечината ќе фрли сенка и ќе затемни околу една третина од Сонцето. Затемнувањето ќе трае околу 2 часа, а ќе започне во 11:24 часот.
За жителите на Македонија, максимумот на затемнувањето ќе биде во 12:35 часот. Тогаш, 28,22 отсто од сончевата површина ќе биде покриена од Месечината, покажуваат податоци од веб-страницата „Скај лајв“.
„Кога зборуваме за затемнување во астрономијата, тогаш во најопшт случај мислиме на заматување на едно тело од друго. Овие интересни појави не се поврзани само со Сончевиот систем, туку се случуваат и во светот на ѕвездите, а во многу случаи тие се извор на најразновидните информации. Доволно е да се споменат затемнување бинарни ѕвезди, тесни бинарни системи и слично“, вели астрономското друштво Орион од Босна и Херцеговина.
Во принцип, можеме да зборуваме за три типа на затемнување на Сонцето. Тоа се целосно или тотално, делумно или парцијално и прстенесто затемнување на Сонцето. Затемнувањето се случува затоа што Месечината, која орбитира околу Земјата, повремено може целосно или делумно да го покрие Сонцето.
Во една година најчесто се случуваат две затемнувања на Сонцето видливи од некое подрачје на Земјата.
Затемнувањата на Сонцето никогаш не треба да се набљудуваат директно, ниту со голо око, со двоглед или со телескоп. Единствените безбедни методи се проекција на бел екран зад телескоп или двоглед или користење на докажана астрономски сертифицирана алуминиизирана фолија каква што е направена за такви цели.