Испораките до првите клиенти ќе започнат на крајот на следната година. Цената не е позната, но би требало да биде помеѓу 350 и 450 илјади долари.
При најавата на својот прв целосно електричен автомобил, Rolls-Royce нагласи дека ова е почеток на храбро ново поглавје, како за самата компанија, така и за луксузната индустрија.
Моделот Spectre ги содржи сите квалитети кои го направија овој бренд легендарен, се пофали компанијата, а извршниот директор Торстен Милер-Отвос не штедеше никакви епитети, нарекувајќи го овој автомобил најсовршениот производ што Rolls-Royce го направил досега.
Според официјалното соопштение, овој автомобил отвори сосема нова категорија меѓу автомобилите која ја нарекоа ултра луксузно електрично супер купе. Според тоа, Spectre „пука“ од луксуз, од неговиот атрактивен изглед до високото ниво на удобност и внимание на деталите.
Главната цел на компанијата за време на нејзиниот развој беше да им обезбеди на своите клиенти „најлуксузно и најудобно можно искуство“, така што перформансите и ефикасноста не беа во целосен фокус.
Перформансите се уште не се целосно дефинирани бидејќи некои тестови се уште се во тек, но според прелиминарните податоци, овој автомобил ќе има 577 КС, 900 Nm вртежен момент и автономија од 418 километри со едно полнење на батеријата.
Што се однесува до забрзувањето, ќе бидат потребни само 4,4 секунди за да се достигне 100 km/h.
Масовното производство на Spectre треба да започне следната година, а испораките до првите клиенти се очекуваат во текот на последниот квартал од 2023. Цената се уште не е објавена, но според компанијата би требало да се движи меѓу 350 и 450 илјади долари.
Според тоа, Spectre е првиот целосно електричен автомобил на оваа компанија, а како и повеќето други компании на автомобилскиот пазар, нивните долгорочни планови се поврзани со електрификацијата.
До 2030 година планираат сите нивни нови автомобили да имаат исклучиво електрични мотори, додека возилата со мотори со внатрешно согорување ќе заминат во историјата.