Шведскиот генетичар Сванте Паабо е овогодинешниот добитник на Нобеловата награда за медицина за, како што се смета, пионерски напор во користењето на древната ДНК за откривање на непознати во човечката еволуција.
Нобеловиот комитет објави дека Паабо го постигнал она што изгледало невозможно да се постигне, имено дека го секвенционирал првиот неандерталски геном и дека утврдил дека хомосапиенсот се вкрстувал со неандерталците.
Неговото откритие беше објавено во 2010 година, откако тој беше пионер во методите за екстракција, секвенционирање и анализа на античка ДНК од коските на неандерталците. Благодарение на неговата работа, научниците можат да ги споредат геномите на неандерталците со оние на луѓето кои живеат денес.
„Темелните истражувања на Паабо доведоа до воспоставување на сосема нова научна дисциплина – палеогеномика. Откривајќи ги генетските разлики меѓу живите луѓе и изумрените хоминини, неговите наоди се основа за истражување на она што нè прави единствени“, објасни комитетот.
Паабо откри дека повеќето луѓе денес споделуваат еден до четири отсто од нивната ДНК со неандерталците, што значи дека неандерталците и хомосапиените морале да се вкрстуваат и да имаат потомство пред неандерталците да изумрат пред 40.000 години.
Овој шведски генетичар бил директор на германскиот институт за еволутивна антропологија Max Planck и истражувач во Природонаучниот музеј во Лондон, пренесува CNN.
Поврзани артикли