Иако Google Pixel 5a се уште е свеж во нашата меморија, се повеќе се шпекулира и има информации за претстојните паметни телефони Pixel 6 и Pixel 6 Pro.

Следните смартфони на Google ја окупираат технолошката заедница, а сега фокусот е на информациите дека овие уреди ќе имаат сензор за отпечатоци од прсти лоциран под екранот. Најпрвин слушнавме за тоа на почетокот на оваа година благодарение на Android 12 бета верзијата, а сега и самиот Google ги „потпали“ гласините.

Потпретседателот на Google за Android, Хироши Локхајмер покажа скриншот, кој веројатно е направена со Pixel 6 Pro, а кој содржи истакната икона за отпечатоци од прст.

Неговиот твит требаше да го прикаже претстојниот Android интерфејс „Material You“ кој пристигнува со Android 12, а кога ја забележа грешката, односно сфати дека откри уште еден важен детал, брзо го отстрани твитот. Сепак, тоа го стори премногу доцна.

Иконата видлива на екранот секако имплицира на скенер за отпечатоци од прсти интегриран во екранот, а резолуцијата на екранот од 1.440 x 3.200 пиксели, иконите на Google и фактот дека уредот користи Android 12 beta, јасно укажуваат дека станува збор за Pixel 6 Pro.