Ален Аспект, Џон Ф. Клаузер и Антон Цајлингер се овогодинешните добитници на Нобеловата награда за физика за нивните значајни достигнувања во квантната механика, односно за проучување на однесувањето на честичките и атомите.

Тие беа наградени за експерименти со она што е познато како феномен на заплеткување – кога две честички влијаат една на друга, иако се далеку една од друга, на спротивните страни на планетата или дури и на Сончевиот систем.

Овој феномен е елемент на квантната механика за кој многу се дискутира, опишан од физичарот Алберт Ајнштајн како „плашливо дејство на далечина“. Неколку децении по смртта на Ајнштајн, експериментите на тројца физичари покажаа дека квантното заплеткување е реално, а не само теоретско.

Шведската кралска академија на науките објави дека работата на триото ги поставила темелите за нова ера во квантната технологија.

Аспект е роден во Франција, Клаузер е роден во Калифорнија, додека Цајлингер е роден во Австрија. Нивните откритија ја унапредија работата на физичарот Џон Стјуарт Бел, чија теорема го промени разбирањето на квантната механика.

Извршниот директор на Американскиот институт за физика Мајкл Молони изјави дека овогодинешните тројца нобеловци потврдиле дека квантната механика е многу корисна во секојдневниот живот. Според него, меѓу другото, може да се примени за квантно пресметување и квантна типографија. Молони рече дека ова ќе го промени светот во практична смисла, што важи и за квантното пресметување.

„Тоа се решенија кои ќе ни помогнат во сè – од производство на вакцини, развој на технологија до метеоролошки прогнози. Има толку многу различни видови на пресметки што можеме да ги направиме со квантната информатичка наука, што не можеме да го направиме со класичните компјутери“, објасни тој во изјава за Си-Ен-Ен.

Аспект, Клаузер и Цајлингер ќе поделат 10 милиони шведски круни (915.000 долари) во парична награда.