Туристи „гладни“ за вселената ќе се соберат на Флорида за да бидат сведоци на невиден спектакл: лансирањето на новата ракета на НАСА кон Месечината, која би можела да привлече до 400.000 луѓе, велат локалните власти. НАСА во вторникот објави дека повторно ќе се обиде во сабота да лансира џиновска ракета од новата генерација кон Месечината, откако првиот обид во понеделникот не успеа поради технички проблем.
Огромна ракета од новата генерација треба да ја однесе капсулата без екипаж на шестнеделен пробен лет околу Месечината и назад, во мисијата Артемис 1, педесет години по последната мисија Аполо на Месечината. Наведена како најмоќната и најсложена ракета во светот, џиновската двестепена ракета Space Launch System (SLS) е најголемиот нов систем за вертикално лансирање изграден од американската вселенска агенција откако Сатурн V полета на Месечината за време на програмата Аполо во 1960-тите и 70-тите години.
Вселенскиот центар Кенеди, од каде што треба да биде лансиран, е затворен за јавноста, но гледачите ќе можат да ја видат ракетата како се издигнува кон небото и да го слушнат нејзиниот татнеж од околните плажи. Дон Вокер, претставник на округот Бревард, очекува толпа луѓе за лансирањето, „помеѓу 200.000 и 400.000“.
Фактот дека лансирањето сега веќе не се очекува во работен ден, туку за викенд – кој е исто така долг викенд со државен празник во понеделник – како и неговиот историски карактер придонесуваат за очекуваниот успех во посетеност, објасни за АФП, Меган Хапел од Канцеларијата за туризам на Флорида.
На посетителите им се препорачува да заминат рано за да избегнат сообраќајни метежи, кои се очекуваат „три или четири часа“ пред полетувањето закажано за 14:17 часот (18:17 GMT), додаде таа.