Доколку Илон Маск успее да се извлече од купувањето на Твитер, би можел да се посвети на развојот на сопствената социјална мрежа која ќе му конкурира на Твитер.

Сапуницата за (не)преземањето на Твитер од Маск се уште трае, па нејзината следна епизода ќе се одржи во судницата. Додека шефот на Тесла сака да се откаже од планираното купување, наведувајќи ги лажните профили и ботови како главна причина, Твитер тврди дека богатството на Маск се намалило во последните месеци и затоа тој не сака да троши пари на таа мрежа.

Во случај да мора да го купи Твитер, Маск неодамна ги препродаде акциите на Тесла вредни речиси седум милијарди долари, но се чини дека повторно размислува да основа своја социјална мрежа која би можела да му конкурира на Твитер.

Имено, при разговор со твитерџиите за продажбата на акциите на Тесла, некој го прашал дали размислувал да основа своја социјална платформа во случај да пропадне договорот со Твитер, Маск одговорил објавувајќи линк до „X.com“. Уште пред да ги објави плановите за купување на Твитер, Маск ја спомна можноста за основање сопствена социјална мрежа, но по објавувањето на аквизицијата таа идеја беше речиси заборавена.

Но, се чини дека тој не се откажал од неа. Секако, започнувањето на социјалната мрежа од нула, иако е најбогатиот човек на светот, сигурно нема да биде лесно, а таквиот бизнис се соочува со огромни предизвици, како што и самиот Доналд Трамп го виде кога го започна Truth Social.

Што се однесува до доменот „X.com“, Маск го купи уште во 2017 година од PayPal и нагласи дека има голема визија за тоа што може да стане X Corporation. Ако Маск навистина реши да започне мрежа која ќе го има тој домен, во Business Insider велат дека е сосема јасно што можеме да очекуваме од неа – платформа каде што нема да има ботови, односно каде што ќе се води жестока борба против нив и каде цензурата ќе биде на минимум.