Владата на Република Северна Македонија денеска, преку видеоконференциска интернет комуникација ја одржа редовната 68 седница, на која се донесени повеќе одлуки и заклучоци.
„На седницата беше усвоена Информацијата и донесена Одлука за давање согласност на Договорот за доделување на државна помош склучен помеѓу Владата на Република Северна Македонија, застапувана и претставувана од Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони и „НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ“. Во Република Северна Македонија ќе се произведуваат електричните возила e-go“, соопшти Владата.
„Мултимилионска инвестиција од НЕКСТ.Е.ГО МОБИЛЕ СЕ, Ахен, Германија во ТИРЗ Тетово ќе отвори 3-4.000 нови работни места. Ова е за првпат во автомобилската индустрија кај нас да се продуцира целосен автомобил и се разбира за првпат ќе се произведуваат електрични автомобили.
Придобивките од оваа инвестиција се многукратни – од отворање на нови работни места, извоз на производи со голема додадена вредност, пренос на знаење и технологии, мапирање на земјава кај странските инвеститори во оваа фела, до договори и дополнителна работа за локални компании“, се наведува во соопштението на Владата.