Бродоградилиштето Севмаш, кое е најголемо во Русија, потврди дека на руската морнарица и ја испорача најголемата подморница во светот.

Станува збор за подморница по име Белгород, која, според руските власти и бродоградилиштата, ќе се користи за истражувачки цели, но експертите тврдат дека нејзината вистинска цел е шпионажа и лансирање нуклеарно оружје, што ја прави „подморница на судниот ден“.

Русија лансираше хиперсонични ракети минатата година, додека САД доживеаја серија неуспеси на ова поле. Во исто време, Русите потврдија дека нивниот беспилотен борбен дрон влезе во фазата на прототип и се подготвува за првиот лет.

Иако новата и голема подморница можеби не звучи како голем чекор напред, Белгород привлекува внимание не само со големината туку и со она што може да го „спакува“ во внатрешноста.

Оваа подморница е базирана на подморниците од класата Оскар II кои Русија ги опремува со наведувани ракети. Белгород е долга 184 метри, што значи дека е подолга од американската подморница од класата Охајо, која е долга 171 метар. Белгород претходно се очекуваше да биде испорачан во 2020 година, но тестирањето беше одложено поради пандемијата на коронавирус, па руската морнарица го доби дури овој месец.

Фотографиите од подморницата кои се објавени досега главно го прикажуваат задниот дел, додека предниот дел на пловилото останува мистерија. Експертите веруваат дека најголемата подморница во светот е специјално дизајнирана да го носи најголемото торпедо во светот наречено Посејдон.

Информациите за оружјето се главно тајни, но се верува дека „Посејдон“ е 20 до 30 пати поголем од обичното торпедо и има способност да „прикраде“ покрај крајбрежната стража патувајќи по морското дно стотици километри.

Развојот на Посејдон сè уште е во тек, а познато е дека тој ќе може да носи нуклеарна боева глава способна, како што изјави американскиот политичар Кристофер А. Форд за Си-Ен-Ен во 2020 година, „да ги потопи американските крајбрежни градови со радиоактивно цунами“.

Подморницата „суден ден“ може да носи шест до осум такви торпеда кога ќе биде подготвена во 2027 година.

Се очекува „Белгород“ да биде првата од четирите подморници што ги гради Русија, а секоја од нив ќе може да носи торпеда „Посејдон“. Додека другите земји нема да градат поголеми подморници, тие дефинитивно ќе работат на тоа да се спротивстават, што ќе доведе до „игра на мачка и глушец“ кога морнарицата на САД и Велика Британија ќе ги здружат силите за да ги ловат руските подморници.

Ова може да доведе до нова студена војна на Арктикот, Северен Атлантик и Северен Пацифик, каде Русија има намера да ги распореди своите нови големи подморници.

Подморницата ќе биде управувана од членови на руската морнарица, но ќе функционира под ГУГИ, главниот директорат на Организацијата за истражување на длабочините на морето.

Русија соопшти дека планира да го користи Белгород за „научни експедиции и спасувачки операции во најоддалечените области на светските океани“. Оваа огромна подморница ќе биде опремена и со минијатурни подморници.