Компании од различни сектори на пазарот известуваат дека ситуацијата со недостиг на чипови полека се стабилизира, наведува Ројтерс.

Кога размислуваме за чипови, првото нешто што ни паѓа на ум се процесори за компјутери и телефони или можеби автомобили. Сепак, нивната употреба е многу пораспространета.

Компаниите Hyundai, ABB и Electrolux забележуваат дека недостигот на чипови полека се стабилизира. Hyundai е производител на автомобили, ABB произведува фабрички роботи, додека Electrolux произведува фрижидери.

„Добрата вест е дека ситуацијата се подобрува. Не би рекол дека проблемот е целосно решен, но ситуацијата за втората половина од годината изгледа ветувачка“, изјави Бјорн Росгрен, извршен директор на АББ.

Кога станува збор за мобилниот сектор, стигнуваат изјави и од Нокиа дека се очекува оваа година ситуацијата да биде подобра. Оваа компанија наиде на проблеми со достапноста на чипови во текот на вториот квартал, но се очекува подобрување.

Останува да видиме како ќе се развива ситуацијата до крајот на годината, но изјавите на компаниите се охрабрувачки дека состојбата во сегментот на достапност на чипови се подобрува.