Нов експеримент од лабораторија на НАСА покажува дека ровери ќе мора да дупчат во почвата повеќе од два метра под површината на Марс за да најдат знаци на праисториски живот на Црвената планета, поради ефектите на јонизирачкото зрачење врз малите молекули како аминокиселини.

Откривањето на одредени аминокиселини на Марс би бил силен показател дека некогаш постоел живот на оваа планета поради фактот што копнениот живот ги користи како компонента за изградба на протеини. Меѓутоа, проблемот е што тие биле „избришани“ од космичките зраци, што значи дека многу остатоци од животот на Марс можеби одамна исчезнале.

Новите истражувања покажуваат дека космичкото зрачење ги уништува аминокиселините многу побрзо отколку што се веруваше.

„Нашите резултати покажуваат дека космичките зраци на карпите на површината на Марс ги уништуваат амино киселините и реголитот многу побрзо отколку што се мислеше. Тековните мисии на ровери на Марс се спуштаат до околу пет сантиметри под површината, а на таа длабочина ќе бидат потребни „само“ 20 милиони години аминокиселините целосно да се уништат. Додавањето перхлорат и вода уште повеќе го зголемува уништувањето на аминокиселините“, рече Александар Павлов од Центарот за вселенски летови на НАСА Годард во Гринбелт, Мериленд.

Иако зборот „само“ во однос на 20 милиони години изгледа малку чудно, треба да се земе предвид дека се работи за огромни временски рамки поради фактот што животот на Марс веројатно постоел пред милијарди години кога оваа планета била повеќе слична на Земјата, имаше езера и реки.

Истражувањето сугерира дека мисиите со плитко дупчење, вклучително и роверите на НАСА, Perseverance и Curiosity, треба да ги променат нивните стратегии за земање примероци.

„Овие мисии треба да бараат микрократери помлади од 10 милиони години или материјал исфрлен од таквите кратери“, додаде Павлов.

Во нивните експерименти, научниците измешале неколку аминокиселини во силициум диокси, хидриран силициум диоксид или силициум и перхлорат за да симулираат услови на Марс. Тие потоа ги запечатиле примероците во епрувети под вакуум за да го симулираат реткиот марсовски воздух.

Примероците беа изложени на различни нивоа на гама зрачење за да се симулира космичко зрачење кое продира на површината на Марс во реалниот живот. Научниците примениле доволно зрачење за да „покријат“ 80 милиони години изложеност на Црвената планета. Користеле и различни температури и отишле до минус 55 степени. Павлов рече дека додавањето силикати со перхлорати во голема мера ја зголемува стапката на уништување на амино киселините.

Роверот Curiosity неодамна го анализираше количеството на органски јаглерод, клучна состојка за живот, пронајдена во примероците земени од Марс, што покажа дека слични нивоа постојат во некои делови на Земјата. Curiosity и Perseverance продолжуваат да ја истражуваат површината на Марс, но наскоро може да ги сменат стратегиите за да бараат неодамна исфрлени примероци.