Институтот за технологија во Масачусетс (МИТ) предложи радикален метод за борба против ефектите од климатските промени.

Тим истражувачи предлага да се користи флота од „вселенски меури“ за да се рефлектира сончевата светлина подалеку од Земјата. Колку и да е неверојатна идејата, факт е дека немаше да има потреба од тоа доколку луѓето драстично ја намалија употребата на фосилни горива во минатото.

Додека некои научници предупредуваат дека геоинженерството е опасно одвлекување на вниманието од вистинската работа потребна за намалување на емисиите, други велат дека треба да ги процениме сите опции, вклучувајќи ги и вселенските меури на тимот на МИТ.

Тоа е нова форма на соларен геоинженеринг дизајниран да ја рефлектира сончевата светлина подалеку од Земјата за да ја излади планетата и да ги спречи најлошите ефекти од климатските промени. Најмногу проучената соларна геоинженерска техника вклучува инјектирање рефлектирачки честички на аеросоли во горниот дел од атмосферата. Сепак, потенцијалното негативно влијание на таквиот метод сè уште не е целосно истражено, што значи дека техниката сè уште е далеку од тоа да се смета за остварлива опција.

Пристапот на тимот на MIT би бил поинаков, наместо да се вбризгуваат честички во атмосферата на Земјата, во овој случај сончевата топлина би се рефлектирала од вселената, што би значело избегнување на употреба на потенцијално штетни честички во нашата атмосфера.

Научниците ја проучуваат можноста за позиционирање на штит направен од вселенски меури во Лагранжовата точка 1, која е релативно стабилна орбитална точка во вселената каде што се изедначува гравитациската сила на Земјата и Сонцето. Во таа точка е поставен и вселенскиот телескоп Џејмс Веб.

Најголемата пречка за овој метод е логистиката. Тимот на МИТ верува дека штитот треба да биде со големина на Бразил, но научниците веруваат дека меурите би можеле да се произведат во вселената, што би ги намалило трошоците за лансирање. Во моментов се спроведуваат лабораториски експерименти на вселенски меури направени од силикон.

Научниците успеаја да надујат меур со тенок слој и да го одржат на температура од минус 50 степени.

Она што е исто така важно е фактот дека соларното геоинженерско решение е целосно реверзибилно, што значи дека штитот може брзо да се отстрани во случај на негативно влијание врз планетата.

Иако се уште се потребни многу истражувања, вселенските меури се „на хартија“ побезбедна форма на соларен геоинженеринг. Доколку најлошите ефекти од климатските промени станат реалност, што веројатно ќе се случи со оглед на моменталната ситуација, предлогот на МИТ може да биде клучот за спас на човештвото.