Microsoft се подготвува да испрати потсетници до корисниците на Windows 8.1 дека поддршката за оваа верзија на оперативниот систем ќе заврши на 10 јануари 2023 година.
Од следниот месец софтверскиот гигант ќе испраќа известувања до постоечките корисници на Windows 8.1, како прв потсетник за крајот на поддршката. Известувањата ќе бидат слични на оние што ги користи Microsoft за да ја прекине поддршката за Windows 7.
Компанијата претходно ја прекина поддршката за Windows 8 во текот на 2016 година, додека ажурирањето на Windows 8.1 ќе добие поддршка до јануари следната година. После тоа, програмата Extended Security Update (ESU) за Windows 8.1 повеќе нема да се нуди, па бизнисите нема да можат да плаќаат ниту за дополнителни безбедносни закрпи.
Корисниците на Windows 8.1 сега ќе треба да одлучат дали сакаат да го надградат својот оперативен систем или да купат нов компјутер. Повеќето машини со Windows 8.1 дури и не поддржуваат Windows 11, поради строгите барања на процесорот на Microsoft.
Ова го остава Windows 10 како најверојатна надградба, а оваа верзија на оперативниот систем ќе добие поддршка до 14 октомври 2025 година. Уредите со Windows 8.1, се разбира, нема магично да престанат да работат од 10 јануари 2023 година, но без ажурирања на софтвер и безбедносни надградби тие ќе станат изложени на бројни закани.
Поврзани артикли