Глобалниот пазар на телефони се очекува да опаѓа поради стравувањата од растечка глобална рецесија. Ова е една од причините што водечките производители на телефони го намалуваат производството, за да немаат голем број непродадени телефони.
Според сите сметки, Samsung веќе се соочува со овие предизвици. Новиот извештај сугерира дека Samsung има дури 50 милиони телефони, кои се „заглавени“ во залихите на дистрибутерите и не се продадени на потрошувачите.
Samsung предвидува дека ќе испорача 270 милиони телефони во текот на 2022 година, а 50 милиони се околу 18 отсто од споменатата бројка. Сето ова заедно предизвикува загриженост во редовите на јужнокорејската компанија.
Иако некој би помислил дека во оваа непродадена залиха на телефони има премиум и модели од горниот сегмент, тоа не е така. Најголем дел од непродадените телефони се модели од серијата Galaxy A, која припаѓа на средниот сегмент на пазарот.
Слабата побарувачка за достапните уреди на Samsung сугерира дека луѓето кои купуваат уреди во овој ценовен сегмент се под најголем притисок поради моменталната економска ситуација во светот.
Претходно се појави информација дека Samsung одлучил да го намали производството на своите телефони за 30 милиони примероци оваа година. Останува да видиме дали состојбата ќе се подобри во втората половина од годинава.