Повеќе од 15 години по основањето, Твитер потврди дека копчето „edit“ конечно е на пат. Тоа го потврди компанијата преку твит, нагласувајќи дека на таа функција работи од минатата година.

Твитер не објави премногу детали, но беше прикажан нацрт на функцијата, која прво ќе биде тестирана од претплатниците на Twitter Blue во текот на следните месеци.

Додаваат дека компанијата не добила идеја од анкетата, посочувајќи на неодамнешното прашање кое Илон Маск им го постави на корисниците.

Тој претходно стана најголем акционер на Твитер, купувајќи 9,2% од акциите во компанијата.

Твитер во минатото се двоумеше дали да додаде копче за уредување на твит поради страв дека таквата функција може да се искористи за ширење дезинформации. Од компанијата истакнуваат дека сакаат да се погрижат да се види кога е променет одреден твит и како дошло до тоа.

Дополнително, овозможувањето на копчето „edit“ прво за претплатниците на Twitter Blue може да биде значително подобрување за неодамна објавената претплатничка услуга на компанијата. За 2,99 долари месечно, Twitter Blue им нуди на корисниците дополнителни функции, како што се „undo“ за твитови и пристап до NFT профилни фотографии.

Се очекува дека функцијата за уредување твитови нема засекогаш да остане ограничена само на корисниците кои плаќаат претплата на Твитер, и се очекува да биде достапна за сите по периодот на тестирање.