Американската вселенска агенција НАСА го одложи тестирањето на својата мега-ракета наречена Space Launch System (SLS).

Причината за доцнењето е проблем со притисокот што ги спречи техничарите безбедно да ја наполнат ракетата со гориво. Тоа е тест кој се однесува на овој процес, а нов обид може да се случи денеска.

Проблемот беше што не можеше да се одржи позитивниот притисок, кој е клучен за отстранување на опасните гасови. Како резултат на тоа, техничарите на НАСА не беа во можност „безбедно да го продолжат“ процесот на полнење гориво, велат од НАСА.

Инаку, ракетата висока 100 метри е наполнета со 700.000 галони гориво.

Веднаш откако тестирањето било прекинато, тимовите се проближија до рампата за лансирање со намера да откријат и да го решат проблемот за да може да се случи нов обид за полнење гориво денес.

Тестот првично започна на 1 април во вселенскиот центар Кенеди и требаше да биде завршен во недела. Меѓутоа, за НАСА проблем беше и невремето во саботата навечер, а гром ги погоди кулите околу лансирната рампа за SLS.

Сепак, беше потврдено дека системот за заштита од громови одлично си ја заврши работата и дека ракетата SLS и вселенското летало Орион се неоштетени.

Како што е веќе познато, ракетата SLS треба да го однесе вселенското летало Орион во вселената и околу Месечината, а овој дел од програмата Артемис наречен Артемида I е планиран без екипаж. Таа мисија е планирана за лето и е важна како дел од ракетните подготовки за мисија која на крајот ќе ги однесе луѓето на површината на Месечината.