Не престануваат да се појавуваат неофицијални информации поврзани со новата серија телефони на Apple – iPhone 14, што не е чудно ако се земе предвид дека се работи за најпопуларните мобилни уреди во светот.
Пред извесно време се појавија првите информации за димензиите на различните смартфони во рамките на оваа линија. Потоа, се појавија и неофицијални наводи за дизајнот на предните камери, според кои се чини дека Apple конечно ќе се откаже од својот поголем засек и ќе донесе помодерно решение, т.е. комбинација на punch-hole отвор за предната камера и засек во облик на пилула за Face ID сензорите.
Меѓутоа, досега не беа достапни подетални фотографии кои адекватно го покажуваат потенцијалниот дизајн на новите мобилни уреди на компанијата Apple.
Холандската веб-страница LetsGoDigital ги претстави првите детални рендери кои се базираат на достапните CAD дијаграми за новите iPhone 14 Pro модели. Креатор на овие фотографии е Парвез Кан. Според неговата интерпретација на моментно достапните информации, претстојниот смартфон на Apple изгледа многу слично на уредите од iPhone 13 Pro серијата, со битна разлика во дизајнот на предните камери.
Од претходно е познато дека новиот iPhone 14 Pro ќе има екран со иста големина како и 6,1-инчниот iPhone 13 Pro. Според тоа, најголем дел од разликите ќе бидат зад екранот, т.е. во хардверските спецификации на овој телефон.
Секако најголемата разлика помеѓу овие два мобилни уреди треба да биде користењето на целосно нов мобилен процесор – A16 Bionic, кој ќе биде резервиран за моделите iPhone 14 Pro и iPhone 14 Pro Max. Од друга страна, iPhone 14 и iPhone 14 Max ќе продолжат да го користат постариот A15 Bionic чип.