Секое четврто дете со Ковид-19 развива т.н. „долг ковид“, покажуваат обединетите податоци од дваесет и едно претходно истражување, спроведени во Европа, Азија, Австралија и Јужна Америка.

Од 80.071 деца болни од Ковид-19 и вклучени во студијата, 25 отсто развиле симптоми кои траеле најмалку 4 до 12 недели или развиле нови постојани симптоми кои се појавиле во рок од 12 недели, според студијата објавена на веб-страницата medRxiv, што уште нема независна рецензија.

Се покажа дека невропсихијатриските проблеми се најчести кај децата – симптоми на промени во расположението, замор, нарушување на спиењето, главоболки, когнитивни промени, вртоглавица, проблеми со рамнотежата.

На второ место се кардиореспираторните проблеми, како отежнато дишење, конгестија (акумулација на крв поради проширени крвни садови и зголемен проток на крв), болка и стегање во градите, кашлица, неправилно чукање на срцето, на трето место се проблемите со кожата, како што е прекумерното потење, чешање и опаѓање на косата, а на четврти се гастроинтестинални – болки во стомакот, запек, дијареа, повраќање и гадење.

Истражувачите признаваат дека анализата на овие податоци, собрани од голем број различни студии спроведени со различни методологии, не може да донесе цврсти заклучоци, но велат дека е јасно дека „и децата и адолесцентите по Ковид може да ги искусат ефектите врз физичкото и менталното здравје“, како и возрасните, рече коавторот на студијата Соња Вилапол од Houston Methodist Research Institute.

„Откривањето на главните знаци и симптоми на долгорочниот педијатриски ковид може да помогне да се дијагностицираат различни здравствени проблеми, да се развијат подобри третмани, да се соберат мултидисциплинарни тимови за оптимални клинички перформанси и да се идентификуваат факторите на ризик за нивно спречување“, рече Вилапол.

Извор: Zimo.hr