Платформата Telegram во Русија го надмина WhatsApp според бројот на корисници и стана најпопуларна платформа за инстант комуникација, соопшти денеска руската телекомуникациска компанија Мегафон.

Мегафон, еден од четирите најголеми руски телекомуникациски оператори, објави анализа на сообраќајот на мобилниот интернет, која покажува дека уделот на Telegram пораснал на 63% во првите две недели од март од 48% во истиот период во февруари. Уделот на WhatsApp падна од 48 на 32 проценти. Просечниот корисник на Telegram троши 101 мегабајти податоци дневно наспроти 26 на WhatsApp.

Сопственикот на WhatsApp Meta Platforms е на суд во Русија под обвинение дека е „екстремистичка организација“, па властите активно ја промовираат апликацијата Telegram откако ги забранија странските платформи како Facebook, Instagram и Twitter.

Facebook, Instagram и Twitter веќе се блокирани во Русија, каде речиси им е забранет пристапот, освен преку приватна виртуелна VPN мрежа.