Руската служба за безбедност (ФСБ) денеска побара моментална забрана на американските социјални мрежи Facebook и Instagram, на првиот ден од судењето за екстремизам, додека репресијата врз медиумите се интензивира по инвазијата на Украина.

„Активностите на Meta (матичнната куќа на Facebook и Instagram) се насочени против Русија и нејзините вооружени сили. Бараме нејзина забрана и итна примена на оваа мерка“, рече портпаролот на ФСБ, Игор Коваљевски, на сослушувањето, пренесе агенцијата „Интерфакс“.

Државниот обвинител побара и забрана на „Мета“, „поради очигледни знаци на екстремистичка активност“. Сепак, тој побара од забраната да се исклучи апликацијата за пораки „Вацап“, која исто така е во сопственост на „Мета“.

На 11 март руското државно обвинителство побара „Мета“ да биде означена како екстремистичка организација, со што се отвора патот за забрана за сите нејзини активности во Русија.

Барањето е поднесено по одлуката на матичната куќа на Facebook и Instagram да ги олеснат правилата во врска со говорот на омраза против руската армија и државниот врв поради воената операција на Москва во Украина. Државното правобранителство оцени дека „Мета“ ги оправдува „терористичките акции“ и поттикнува „омраза и непријателство“ кон Русите.