Апликацијата Starlink, која им овозможува на луѓето пристап до сателитски интернет-сервис, стана најкористена апликација во Украина, покажуваат новите податоци.
Апликацијата е преземена речиси 100.000 пати во Украина, а глобалните преземања се зголемени за повеќе од трипати во последните две недели. Потсетуваме, по руската инвазија на Украина, Елон Маск најави дека неговата компанија SpaceX ќе испрати помош во таа земја во вид на сателитски антени.
Податоците за преземање доаѓаат од Sensor Tower, кој обезбедува податоци за App Store и Google Play. Апликацијата беше преземена 21.000 пати на глобално ниво само во неделата. Тоа е најголемиот број на инсталации во еден ден, додаваат од компанијата, а најголемиот дел од преземањата доаѓаат од Украина.
По Starlink, Украинците моментно ја преземаат и апликацијата Ukrainian Alarm, која е создадена за жителите полесно да добиваат предупредувања за воздушни напади.
На почетокот од март Маск предупреди дека има големи шанси сателитската широкопојасна услуга Starlink на неговата компанија да биде цел на непријателите на Украина. Тој ги советуваше корисниците да стават лесна камуфлажа над антената за да избегнат визуелно откривање на Starlink. Тој, исто така, рече дека корисниците треба да го вклучат Starlink само кога е потребно и да ја постават антената што подалеку од луѓето.
Реакцијата на Маск дојде по неколку дена откако беше предупредено дека уредите што примаат сателитски сигнали може да станат еден вид патоказ за руските воздушни напади.
Извор: Nezavisne.com
Поврзани артикли