Потпретседателот на Xiaomi и бренд менаџер на Redmi, Лу Вејбинг, официјално го објави датумот на лансирање на серијата Redmi K50 – тоа ќе биде следниот четврток, на 17 март. Според веродостојните информации, еден телефон од линијата, веројатно Redmi K50 Pro+, ќе работи на Dimensity 9000 платформата, а колку е брз покажаа над 1.000.000 поени на AnTuTu платформата за бенчмарк.

Веќе го видовме Redmi K50 Gaming, но сега ќе ја добиеме вистинската K50 серија. И поради тоа фановите на Xiaomi ширум светот се воодушевени – кинеското лансирање е само првиот чекор пред глобалното претставување.

Членот на Dimensity 9000 линијата, кој би можел да биде и стандардна верзија на Redmi K50 Pro, постигна точно 1.041.818 поени. Резултатот е комбинација на перформансите на процесорот, графичкиот чип, меморијата и корисничкиот интерфејс и ветува моќни перформанси.

Кој смартфон ќе работи на кој чипсет ќе знаеме за околу седум дена, но очекуваме уште неколку тизери и подетални информации во деновите што му претходат на настанот.