Карл Пеи на сите им е познат како соосновач на компанијата OnePlus, која на клиентите им донесе смартфони со високи перформанси по достапни цени. Сепак, цените на мобилните уреди на OnePlus полека растат, оддалечувајќи се од првичната идеја, па Карл Пеи го напушти OnePlus во септември 2020 година за да основа нова компанија со необично име – Nothing.
Главната цел на оваа компанија со седиште во Лондон е да ги отстрани пречките меѓу луѓето и да создаде дигитална иднина без бариери. Звучи како класичен маркетинг, а долго време не видовме ниту еден производ од компанијата, по објавувањето на нивните безжични слушалки наречени „ear (1)“, во јули минатата година.
Според информациите, Карл Пеи и Nothing веќе една година работат на првиот смартфон на оваа компанија, за кој ништо не се знае освен дека треба да постои. Меѓутоа, ситуацијата се промени само пред неколку дена кога на интернет се појави фотографија од основачот на компанијата, како наводниот прв телефон на Nothing му го покажува на извршниот директор на Qualcomm, Кристијан Амон. Според веб-страницата TechCrunch, оваа фотографија настанана на неодамнешниот Мобилен конгрес во Барселона.
Nothing to see here. pic.twitter.com/mzLeTVHSXm
— Ev (@evleaks) March 7, 2022
Набрзо потоа, Карл Пеи излезе во јавноста со видео тизер дека Nothing ќе одржи официјален настан на 23 март, при што ќе го претстави планот на компанијата за иднината. Дополнително, тој најави и дека Nothing успеало да осигура нова рунда финансирање во износ од 70 милиони долари, што, според него, ќе им овозможи да го реализираат следниот дел од нивниот план за креирање, како што веќе споменавме на „дигитална иднина без бариери“.
Од сето ова, нас и корисниците ширум светот најмногу нè интересира телефонот од гореспоменатата фотографија. Апсолутно ништо не се знае за овој телефон, освен дека потенцијално ќе користи Snapdragon процесор и може да има некои проѕирни елементи како оние кај слушалките „ear (1)“. Останува само да се надеваме дека ќе го видиме на претстојниот настан и дека ќе дознаеме барем дел од неговите карактеристики.