Компанијата SpaceX ја лансираше во вселената својата Falcon 9 ракета со нови сателити на интернет мрежата Starlink, а со тоа постави нов рекорд.

Проектот на американскиот бизнисмен Елон Маск продолжува да се развива со секое лансирање на нови сателити на интернет мрежата Starlink. Овој пат од вселенскиот центар Кенеди во Флорида беа лансирани 47 нови сателити, а девет минути по полетувањето успешно беше спуштена првата фаза од ракетата Falcon 9, односно изврши совршено  слетување на бродот дрон “Just Read the Instructions” во Атлантскиот Океан.

Меѓутоа, ова лансирање е посебно затоа што се работи за 11-то успешно лансирање на истата Falcon 9 ракетa, што е нов рекорд. Претходно, ракетата беше искористена за лансирање на мисијата Transporter 2, сателитот Turksat 5A, GPS III SV03 мисијата, како и седум други Starlink мисии.

Докажувањето на импресивната употребливост на ракетата Falcon 9 е исклучително важно за SpaceX, бидејќи мисиите се значително поевтини на овој начин. Во минатото, Маск често истакнуваше дека брзото повеќекратно користење на новите вселенски технологии се клучни за мисиите на Марс, враќањето на луѓето на Месечината и истражувањето на длабоката вселена.

SpaceX започна со развивање на соѕвездието на сателити Starlink во 2019 година со цел да се овозможи интернет конекција во оддалечените региони.

Минатата недела, Маск испрати 50 Starlink терминали во Украина, која е нападната од Русија. На тој начин Украина ќе остане „онлајн“.

SpaceX продолжува да лансира Starlink сателити, а до денес има повеќе од 2.000 во ниската орбита на Земјата. Во долгорочните планови на SpaceX се планирани до 30.000 сателити.