Со исфрлање на микрофонот и неколкуте врзани технологии од моделот Roam, настана новиот најевтин звучник со потписот на Sonos.

Минатата година, Sonos го претстави Roam, својот прв звучник кој, покрај вмрежувањето преку Wi-Fi мрежата и репродукцијата на музика преку одличната multiroom технологија, поддржува и Bluetooth. Со цена од околу 220 евра, Roam досега беше најевтиниот звучник во понудата на Sonos.

Тој наслов сега го презема Roam SL, целосно идентичен звучник, кој се разликува од оригиналниот Roam само со отсуството на микрофон. Како резултат на тоа, не може да се контролира преку гласовни команди, што и онака е незначително за повеќето домашни корисници. Отсуството на микрофон значи и дека Roam SL не ја поддржува Automatic Trueplay технологијата, дизајнирана за автоматско прилагодување на звукот на карактеристиките на просторот, како и Sound Swap, кој го пренесува звукот од Roam до најблискиот звучник Sonos во истата просторија, или го враќа во Roam ако моментно се репродуцира на друг звучник.

Roam SL ќе се појави во продажба на 15 март, а неговата цена ќе изнесува околу 180 евра.