Корисниците на iPad веќе со години бараат Instagram да креира официјална апликација за таблет уредите на Apple, но како што засега стојат работите, на компанијата тоа не и е приоритет.

Поминаа речиси 12 години од лансирањето на Instagram, а сè уште нема официјална апликација за iPad. На тој начин, корисниците на популарниот таблет на Apple мора да се задоволат со користење на социјалната мрежа во веб-прелистувач или преку апликација за iPhone.

Корисниците толку долго ја бараа instagram апликацијата за iPad што веќе се откажаа од неуспешното „молење“. Но, технолошкиот јутјубер Маркус Браунли ги потсети своите Twitter следбеници на проблемот.

„Годината е 2022 година, а сè уште нема адекватна Instagram апликација за iPad“, напиша кратко Браунли, на што набрзо mu одговори директорот на Instagram, Адам Мосери.

„Добиваме многу прашања за ова. Сепак, групата корисници не е доволно голема за да биде приоритет. Се надеваме дека некогаш ќе го направиме тоа, но во моментов сме фокусирани на други работи“, одговори Мосери и со тоа по којзнае кој пат ги разочара корисниците на iPad.

Имено, според компанијата за истражување на пазарот IDC, Apple во последниот квартал испорачал 17,5 милиони iPad уреди ширум светот. Згора на тоа, iPad уредите сочинуваа дури 34 отсто од глобалниот пазар на таблети минатата година.

Овие бројки за многумина изгледаат како сосема доволен показател дека Instagram апликацијата за iPad би ја користеле милиони луѓе, но за Мосери тоа едноставно не е доволно, бидејќи како што додава во еден од следните твитови, Instagram го користат најмногу Android корисници.

Да потсетиме, во светот моментално има над три милијарди активни Android уреди (не сметајќи ги оние што користат алтернативни продавници за апликации), додека бројот на активни уреди на Apple е речиси двојно помал – 1,85 милијарди.

Мосери ја нарече апликацијата за iPad „конечно функција“ (finally feature), која ја класифицира меѓу останатите барани функции како темниот режим на работа, закажаните објави и можноста за бришење на една фотографија од албумот, пренесува The Verge.