Во третиот месец од минатата година, Samsung ги претстави Galaxy A52 и Galaxy A52 5G моделите. Бидејќи веќе сме во третиот месец од 2022 година, за очекување е дека Samsung Galaxy A53 5G ќе биде објавен многу наскоро. Додека чекаме Samsung да излезе со датумот на лансирање на овој смартфон, ја дознаваме можната цена на уредот во Европа.

Samsung Galaxy A53 5G се појави во една италијанска онлајн продавница. Во него стои дека цената на телефонот е 466,49 евра, што е малку чудно, но веројатно оваа цена ќе биде заокружена на 470 ЕУР. Ова е цената на телефонот за верзијата со 6 GB RAM и простор за складирање од 128 GB.

Да потсетиме, почетната цена на Galaxy A52 5G изнесуваше 430 евра, што значи дека наследникот ќе поскапе за 40 евра, што и не е толку занемарлива разлика. Секако, треба да се земе предвид дека се уште се работи за непотврдена информација.

Samsung Galaxy ќе се напојува со octa-core процесор со максимална брзина на такт од 2,4 GHz, а станува збор за Exynos 1200. Телефонот ќе се испорачува со Android 12 системот. Се пренесува дека уредот ќе има слот за microSD картичка, бидејќи се шпекулираше дека А53 ќе ја изостави оваа функција. Телефонот е тежок 190 грама и со дебелина од 8,1 мм, а ќе биде достапен во бела, сина, портокалова и црна боја.

Телефонот ќе има вкупно пет камери, што значи четири на задната и една на предната страна. Главниот сензор за камерата ќе биде оној од 64 MP, а ќе има и ултраширок сензор од 12 MP, макро сензор од 5 MP и сензор за длабочина од 5 MP, додека предната камера ќе пристигне со сензор од 32 MP. A53 5G ќе има AMOLED екран со дијагонала од 6,46 инчи.