Западните сојузници договорија нови финансиски санкции против Русија поради инвазијата на Украина, се согласија да ги исклучат руските банки од системот Свифт, објави агенцијата „Франс прес“ (АФП).

Свифт е глобален платен систем кој овозможува непречен и брз трансфер на пари преку границите и поврзува 11 000 банки и институции во повеќе од 200 земји.

Забраната за Русија да го користи системот што го користат илјадници финансиски институции – ќе ја погоди банкарската мрежа на земјата и пристапот до средства.

Потврда за информацијата стигна и од Брисел. Шефицата на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вечерва нагласи дека Брисел ќе предложи замрзнување на средствата на Руската централна банка, како засилени санкции против Москва по инвазијата врз Украина.

Фон дер Лајен, исто така, рече дека ЕУ ќе отстрани „одредени“ руски банки од платниот систем Свифт, како одговор на клучното барање на Киев.

Таа зборуваше по видео-конференција со лидерите на САД, Германија, Франција, Италија и Канада, со цел да се координира одговорот на Западот на инвазијата. Потврда стигна и од САД.

„Претседателот Бајден и лидерите на Европската комисија, Франција, Германија, Велика Британија и Канада одлучија да преземат конкретни мерки за понатамошна изолација на Русија од меѓународниот финансиски систем. Лидерите одлучија да ги исклучат клучните санкционирани руски банки од Свифт, да ја таргетираат руската централна банка и да започнат заедничка работна група за лов на имот на санкционираните руски компании и олигарси“, соопштија од Белата куќа.