Изминатата деценија беше сведок на голема дигитална трансформација, а Индија се појави како моќна сила во областа на дигиталните услуги. Импулсот беше толку голем што дури и пандемијата не успеа да го запре напредокот. Технолошката индустрија таму масовно го зголеми бројот на работни места и го зајакна стартап-екосистемот. Индискиот ИТ-сектор порасна за дополнителни 30 милијарди долари минатата година и сочинува 51 отсто од извозот на услуги во Индија.
Двигател на промени
Бројките се навистина импресивни и потсетуваат на оние што обично се поврзуваат со Кина. Индиската ИТ-индустрија лани отворила дополнителни 450.000 работни места, а дури 45 отсто биле пополнети од жени. Индија е дом на повеќе од 25.000 технолошки стартапи.
Технологијата стана најголемиот двигател на индустриските и општествените промени, а аналитичарите укажуваат на трендовите што би можеле да ја обликуваат „техада“, комбинација од зборовите технологија и декада, измислени од индискиот премиер Нарендра Моди: ИТ ќе биде основа на кој било бизнис, ќе се појави нова ера во технологијата.
Се проценува дека вредноста на тамошната ИТ-индустрија ќе достигне 227 милијарди долари оваа година; во следните пет години нејзината вредност ќе се зголеми за дополнителни 150 милијарди.
Пет милиони луѓе моментално работат во ИТ-индустријата таму, а повеќе од 50 милиони работници од двата пола до крајот на оваа година ќе бидат „описменети“ со технолошки вештини што ги лансира државната програма „Скил Индија“.
Потребата за работна сила расте со стапка од 47 отсто, а на листата со дефицитарни професии се следните експерти: специјалист за аналитика, научник за податоци, менаџер за наука за одлуки, деловен аналитичар, менаџер за аналитика, статистичко моделирање, статистички аналитичар, аналитичар за маркетинг-истражување и менаџер за аналитика на операции.
Во меѓувреме, имплементацијата на вештачката интелигенција во локалните компании исто така рапидно расте за дури 45 отсто.
Клучно е, се согласуваат тамошните експерти, но и водечките политичари, технологијата да се насочи кон луѓето. Идејата е да се поврзат 1,2 милијарда Индијци со јавните услуги на интернет и да се приспособат застарените закони на новото време. Накратко, Индија треба да стане безбедна дестинација за инвестиции во сајбер-просторот.
Извор: Bug.hr