Huawei MateView GT 34 привлекува внимание со својот дизајн, заоблениот екран од 34 инчи, стапка на освежување од 165 Hz, како и високата прецизност и покриеност на бои, што овој монитор го прави да биде одличен избор како за гејмерите, така и за оние кои би го користеле за професионални цели.
Текст и фото: НИКОЛА БУРАГЕВ
Името на компанијата Huawei долго време беше синоним за иновации, што е најочигледно во случајот на паметните телефони на компанијата во изминатата деценија, а можеби помалку видливо кога станува збор за инфраструктурните решенија. Поради тој успех веројатно дојде и до сето она што се случуваше во минатите две години.
Но, одликата на големите е да не се предаваат лесно, па по воведувањето на американските санкции, кинеската компанија реши своето портфолио производи дополнително да го прошири и така да ги осигура своите позиции додека подготвува кам-бек, кој сите фанови на овој бренд со нетрпение го очекуваат.
Иако PC пазарот не е нешто ново за Huawei, со оглед на тоа што досега видовме неколку MateBook модели на лаптопи, оваа година почнаа да се појавуваат и монитори на компанијата, што можеби не е нешто што го очекувавме, но секако е добредојдено освежување.
Huawei MateView GT привлекува внимание со својот дизајн, но и карактеристики како заоблен екран од 34 инчи, стапка на освежување од 165 Hz, како и високата прецизност и покриеност на бои, што овој монитор го прави да биде одличен избор како за гејмерите, така и за оние кои би го користеле за професионални цели.
Дизајн и изработка
Во поглед на дизајнот, овој монитор е доста интересен. Иако од материјалите доминира пластиката, цврстината и квалитетот на изработка се на највисоко ниво. Сталакот е исто така изработен од пластика, но засилен со метал за да се обезбеди стабилност, и покрај импресивно тенките профили кои го прават мониторот да делува многу елегантно. Треба да се напомене дека сталакот поддржува прилгодување на висината во опсег од 11 см, како и навалување на панелот кон назад за 20 и напред за 5 степени, но изостанува можноста за ротација лево и десно.
Што се однесува до самиот панел, тука нема големи дизајнерски изненадувања, па на предната страна затекнуваме импресивно тенки рамки од горната и бочните страни со малку позначајна дополнителна маргина од околу 7 мм, како и долна лајсна со умерена ширина на која се наоѓа само дискретното сиво лого на Huawei и проѕирен прстен кој го опкружува системот за монтажа на панелот на сталакот, кој е изведен така што преминот практично и не се забележува, што придонесува за вкупната естетика.
На дното на задната страна се наоѓа маска која се прицврстува со магнет и чија улога е да ја скрие секцијата со конекторите и каблите да ги направи малку поуредни. Меѓу конекторите се еден Display Port во верзија 1.4, кој овозможува целосна резолуција и освежување, два HDMI 2.0 влеза кои се ограничени на 100Hz, како и еден USB Type-C порт, кој служи само за полнење преку екстерен адаптер, 3.5 мм комбо конектор за слушалки и микрофон и уште еден USB Type-C, кој во овој случај има неколку функции. Тој е спосoбен да прима слика, да полни некои од мобилните уреди со до 10W моќност, како и да остварува врска со компјутерот.
Функции и формат
Мониторот прикажува слика кога ќе се поврзе со десктоп куќиште или лаптоп, а ние го користевме најновиот преносен компјутер на Huawei, 14-инчниот Matebook 14s, кој го споивме на мониторот преку HDMI порт. Кога ќе се поврзе лаптоп на мониторот, има опција да го прикажува идентичниот приказ од дисплејот на компјутерот или пак екранот од мониторот да се користи како дополнителна површина за приказ.
Huawei Mateview GT го краси простран работен простор на екранот, со оглед на дијагоналата од 34 инчи, ултраширокиот формат и резолуцијата од 3440×1440 пиксели. Ова е веројатно најпрактичната резолуција кога станува збор за мониторите од овој формат и нуди добра острина на сликата и јасна видливост при 100% скалирање, додека екранот може удобно да собере два прозорци на веб-браузерот плус други програми, апликации за обработка на фотографии со сите алатки, приличенброј на канали во миксерот на апликации за обработка на аудио или речиси целиот тајмлајн во програма за обработка на видео.
Исто така, ако гледате филм, тој ќе го зафати целиот екран без црните линии горе и долу, поради фактот што повеќето филмови се снимени во формат 21:9, иако стандардните видеа 16:9 како поголемиот дел на Youtube или сериите ќе имаат црни линии од левата и десната страна поради потесниот формат. Ултраширокиот формат можеби не е за секого, но имаме впечаток дека секој ќе најде некоја предност за себе и релативно лесно ќе се навикне на вака широк екран.
Оние кои можеби најмногу ќе уживаат во предностите на 21:9 форматот, покрај дигиталните креативци, секако се гејмерите, бидејќи дополнителната ширина овозможува поголемо видно поле во игрите и ви овозможува да гледате повеќе, а некако и повеќе ве вовлекува во самата игра. Практично не постои жанр во кој оваа предност не се чувствува, а поддршката за овој формат е многу распространета, така што сите понови игри работат без проблеми.
Освежување од 165 Hz за гејминг
Huawei Mateview GT можеби не е експлицитно деклариран како гејмерски монитор, но бидејќи има стапка на освежување од 165 Hz, ова е улога во која одлично се справува. Сепак, треба да се напомене дека не е поддржано променливото освежување. Малку е чудно, но не работи ниту на графичките картички на AMD, ниту на nVidia, па ќе бидете принудени да користите максимално освежување со вклучен V-Sync, доколку сакате мазен приказ без да нарушување на сликата.
Олеснителна околност е што максималното можно дополнително доцнење кое го предизвикува е само 6ms во однос на моделите со променливо освежување, што не е страшно, па во реалнотоиграње, pa дури и во е-спорт игрите, овој монитор дава повеќе од задоволувачко искуство. Од друга страна, тоа има и една предност, бидејќи мониторот секогаш го користи најбрзиот одзив на панелот, без оглед на моментниот фрејмрејт, што многу гејмери можеби и ќе го претпочитаат, посебно оние со послаби графички картички.
Што се однесува до одзивот, се работи за VA панел, па во согласност со тоа и одзивот е побрз при светли отколку при темни делови од сцената. Она што треба да се пофали е Ovedrive подесувањето, со пет достапни нивоа, од нула до 4, од кои овој последниот значително го подобрува одзивот дури и кај темните сцени, без никакви негативни последици како што се overshoot и inverse ghosting.
Од дополнителните гејминг функции, тука се Dark Field Control, односно опцијата како Black Equalizer што го зголемува нивото на црната боја, поради полесно забележување на противникот во сенките, потоа приказот на моментното освежување кое нема смисла бидејќи секогаш е 165, како и приказот на нишан во црвена или зелена боја и еден од петте различни дизајни.
Квалитет на сликата
Мониторот на Huawei користи VA панел и тоа заоблен, а на тоа закривување многу брзо се навикнавме и тоа всушност му оди во прилог на овој модел. Најпрвин затоа што во нормална работна положба помага да се избегне недостатокот на VA панелите во вид на полоши агли на гледање, кои ни на овој модел не се баш одлични кога се гледа од страна. Унифромноста на панелот е доста коректна, што и не е чест случај кај моделите со закривен екран. Панелот е прилично квалитетен со извонреден контраст од дури 5430:1, иако мониторот не користи било какви динамички трикови за негово подобрување.
Нивото на црната боја е одлично, практично фиксирано на 0.039 нита, додека максималното осветлување, иако декларирано на 350 нита во сите фабрички режими, во User mode можете да го зголемите и на максимални 446 нита – што е прилично солидно над бројката наведена во спецификациите.
Помеѓу осумте однапред дефинирани режими на слика, Huawei MateView GT нуди и DCI-P3 и sRGB режими, а токму овој последниот обезбеди најпрецизен приказ на извонредно ниво, со просечно Delta E отстапување од само 1,7, па дури и максимално, кое на ниту една нијанса не ја надминува границата од 3, било во боите или балансот на белата боја низ монохроматскиот спектар. Навистина импресивен резултат, па кога тоа ќе искомбинира со високиот контраст, го добиваме еден од најдобрите монитори што сме ги тестирале досега, кога станува збор за чистиот квалитет и прецизноста на приказот, посебно за професионална употреба.
Панелот е вистински десетбитен и е во состојба да репродуцира 87.4% од DCI-P3 спекторот на бои. Поддржан е и HDR, но не треба да се очекува премногу поради ограниченото осветлување – можеби само малку поколоритен приказ во игрите доколку се зголеми осветлувањето.
Заклучок
Генерално, Huawei Mateview GT мониторот од 34 инчи остава позитивен впечаток и можеме да кажеме дека се работи за повеќе од употреблив монитор за секого, од гејминг до професионална употреба. Колку и да е неразбирливо отсуството на варијабилното освежување, факт е дека со освежувањето од 165 Hz и доброто Overdrive подесување, MateView GT е всушност повеќе од задоволителен избор и за гејминг, доколку барате монитор со ултраширок формат. Најмногу ќе добијат оние кои сакаат квалитетен приказ, многу простор на работната површина и прецизна репродукција на бои – пред се дизајнерите и оние кои се занимаваат со обработка на мултимедија. Ако имаат и навика повремено да играат некоја игра, овој модел делува како вистинска работа. Huawei Mateview GT од 34 инчи се продава по цена од 29.999 денари, а постои и модел со 27-инчен екран, чија цена изнесува 24.999 денари.
Huawei MateView GT 34 спецификации:
- Екран: 34-инчи IPS LCD, 3440:1440 пиксели, формат 21:9
- Закривеност: 1500R
- Стапка на освежување: 165 Hz
- Палета на бои: 90% DCI-P3 (типична вредност) / покрива 100% sRGB
- Бои: 1.07 милијарди
- Осветленост: 350 нита (типично)
- Сооднос на контраст: 4000:1 (типично)
- Точност на бојата: ΔE < 2*
-
Режим за удобност на очите: TÜV Rheinland Low Blue Light и Flicker Free сертификат
- Помошник за игри: Контроли на темно поле, крстосници
- OSD: Петнасочен џојстик
- Влезови: USB-C x 1 (само за напојување), HDMI x 2 (HDMI2.0), DP x 1 (DP1.4)
- Цена: 29.999 денари