Додека повеќето луѓе ја поврзуваат археологијата со праисториски остатоци и вредни артефакти, група научници го почна првиот археолошки проект на Меѓународната вселенска станица.
Станува збор за прв проект од ваков вид во вселената, а целта е да се открие како луѓето го адаптираат нивното однесување. Досега на Вселенската стануца најдолг престој има астронаутката Кристина Коч на НАСА. Во вселената има минато 328 дена и на Земјата се врати минатата година.
„Сакаме да се обидеме да разбереме како луѓето се однесуваат кон предметите и своето опкружување кога живеат во вселената, како го адаптираат своето однесување на целосно поинакво опкружување“, изјави професор Џастин Волш од Универзитетот Чепмен во Калифорнија.
Проектот под името Space Station Archaeological Project (ISSAP) почна оваа недела, со првиот експеримент Sampling Quadrangle Assemblages Research Experiment (SQuARE), чија цел е да изгради еквивалент на тестна јама во вселената. На Земјата археолозите ископале тестна јама со големина на еден квадратен метар, за подобро да ја „запознаат“ локацијата која ја истражуваат и да ги испланираат следните чекори на своето истражување.
Наместо копање, тимот на ISSAP ќе користи леплива лента со која ќе го изолира просторот од еден метар на застарената ISS. Истражувањето ќе биде вршено секојдневно со фотографирање во период од 60 дена и ќе покажува како се користат различните простори.
Јамите ќе се наоѓаат на неколку локации на ISS, а експериментот ќе трае два месеца.