Се наближува денот на официјалното претставување на Galaxy S22 серијата на Samsung, а како што можеби многумина од вас знаат, на интернет во последните недели се појавија протечени информации за тоа што да очекуваме од трите премиум телефони. Порталот 91Mobiles сега известува за протечени рендери на Galaxy S22+, моделот за кој имавме најмалку информации, и кој фрла ново светло на моделот од средната класа.
Како што можете да видите на рендерот погоре, Galaxy S22+ има селфи камера со централно поставен отвор во горниот дел на екранот, надополнета со идентични рамки околу него. Копчето за вклучување и копчињата за контрола на јачината на звук се наоѓаат на десната страна на уредот, како и што се очекуваше.
Galaxy S22+ ќе има метална шасија (оваа информација доаѓа врз основа на антените кои се видливи на бочните страни на телефонот). Одзади телефонот е опремен со тројна камера и LED блиц сместен од десната страна на модулот на камерата. На дното на задната страна на телефонот го гледаме суптилното лого на Samsung.
Покрај тоа, дојавувачот што ги открива овие информации ги носи и нецелосните спецификации на уредот. Спротивно на некои гласини, Galaxy S22+ ќе биде лансиран со Exynos 2200 чипсет во Европа, иако тоа се неофицијални тврдења и секогаш треба да се земаат со резерва.
Се очекува Galaxy S22+ да има широкоаголна камера од 50MP како главен сензор, надополнета со Adaptive Pixel технологијата (наводно и стандардниот Galaxy S22 ќе ја има оваа функција). Технологијата Adaptive Pixel има два режима за фотографирање: режим од 108 MP и режим од 12 MP. Дополнително, фотографиите наводно ќе се снимаат во 12-битен формат.
Се очекува дека телефонот ќе може да достигне максимална осветленост од 1.700 нита на својот прилагодлив дисплеј (адаптивна стапка на освежување), што треба да обезбеди удобно гледање дури и во светли надворешни услови.
Што се однесува на тежината, Galaxy S22+ се очекува да биде малку потежок од Galaxy S22, а наводно ќе тежи 195 грама, додека стандардниот S22 тежи 167 грама. Сосема разбирливо, најтежок од трите уреди ќе биде Galaxy S22 Ultra, за кој се верува дека ќе пристигне со тежина од 228 грама.
На крајот, претходните гласини потврдуваат дека Galaxy S22+ ќе има батерија од 4.500 mAh, а телефонот ќе поддржува брзо жично полнење од 45 W.