Светските океани зовреа, а нивните температури продолжуваат да растат. Минатата година беа регистрирани највисоките температури на океаните во историјата на мерењата, што е шеста година по ред како се соборува овој рекорд.

Научниците велат дека главната причина за тоа е глобалното затоплување, односно климатските промени.

– Температурите на океаните немилосрдно растат на глобално ниво, што е примарен показател за климатските промени предизвикани од човековата активност, изјави климатологот Кевин Тренберт од Националниот центар за атмосферски истражувања во Колорадо.

Потоплите води на океаните влијаат на создавање посилни бури, урагани и екстремни врнежи, а тоа го зголемува ризикот од тешки поплави. Загреаната океанска вода се шири кон север и на југ, уништувајќи ги ледените плочи на Гренланд и Антарктикот, што пак влијае на порастот на нивото на морињата.

Океаните апсорбираат околу една третина од јаглерод диоксидот создаден од човековите активности, што доведува до нивно закиселување. Овој процес ги уништува коралните гребени – кои се дом на четвртина од светскиот морски свет и извор на храна за повеќе од 500 милиони луѓе, пишува Гардијан.

Како што светот се загрева поради согорувањето на фосилните горива, уништувањето на шумите и другите активности, океаните го преземаат најголемиот дел од дополнителната топлина. Океаните апсорбирале повеќе од 90 проценти од топлината произведена во последните 50 години, привремено заштитувајќи ја копнената флора и фауна од екстремно високи температури.

Количината на топлина што ја апсорбираат океаните е огромна. Минатата година, горните 2.000 метри од океанот, каде што се случува најголем дел од затоплувањето, апсорбирале 14 зетаџули топлина повеќе од 2020 година. За споредба, годишната потрошувачка на енергија во светот е приближно 0,5 зетаџули. Односно, количината на дополнителна енергија во океаните оваа година била 145 пати поголема од вкупното светско производство на електрична енергија.

Долготрајното затоплување на океаните е најизразено во Атлантскиот и Јужниот Океан, иако треба да се напомене дека минатата година рекордно високи температури биле регистрирани и во Средоземното Море.

– Сè додека не достигнеме нето нулта емисии на стакленички гасови, океаните ќе продолжат да се загреваат. Ќе продолжиме да уриваме температурни рекорди, истакна климатологот Мајкл Ман од Универзитетот Пен Стејт.