Американската компанија Space X на Елон Маск соопшти дека го запишала првиот светски патник за пат околу Месечината со вселенската ракета со кодно име БФР.

Сепак, името на патникот не е откриено. Од Space X лани најавија дека околу Месечината ќе патуваат двајца туристи, а пред да заминат на оваа несекојдневна авантура, ќе мора да поминат обука.

„Дознајте кој ќе лета и зошто в понеделник, 17 септември“, објавија од Space X на Twitter.

Замислен како меѓупланетарен брод кој би служел за испраќање луѓе на Месечината, БФР („Биг фалкон рокет“) е ракетен систем темелен на комбинација од ракета и вселенскиот брод наречен БФС („Биг фалкон спејсшип“).

Маск минатата година најави дека главната ракета ќе биде опремена со 31 мотор „Раптор“ и деќа во првата фаза ќе може да пренесува до 150 тони товар во Земјината орбита, а во втората фаза и до 100 патници на Марс.