Иновативните технолошки решенија од Mazda веќе не се изненадување, а еве ги повторно и на самиот крај од календарската година
За што станува збор? Јапонскиот производител на автомобили поднел барање до надлежниот институт за заштита на интелектуалната сопственост, со кое се бара регистрација на дополнителна опрема што би ја обезбедувале автомобилите, а со која се предвидува поставување писта за дронови на покривот на автомобилите.
Имајќи го предвид сознанието дека дронот ќе биде поврзан со електронските системи на Mazda, клиентите и возачите ќе можат да ги користат своите дронови за сите намени, од патничката кабина. На овој начин, леталото ќе може да го снима самиот автомобил или да прави други снимки, без страв дека ќе се „изгуби“ во просторот и времето.
Дронот би тргнал во небесен поход од минијатурен хелиодром поставен на покривот на возилото, поточно од неговиот дел поставен зад грбот на возачот. Дронот може да биде лансиран во воздух во секое време за време на возењето, сето тоа со помош на специјални контролни копчиња кои се наоѓаат зад воланот.
Како што може да се види на приложениот цртеж, кој е составен дел од апликацијата поднесена до Заводот за заштита на интелектуалната сопственост, дронот ќе биде прикачен на возилото преку мала платформа за хелиодром чија работа ќе ја контролираат возачите од кабината.
За тоа да биде возможно, неопходно било брендот од Хирошима да иновира и софтвер кој ја регулира работата на инфозабавниот систем, што е дел од промените кои се поврзани со најавата за можна комерцијализација на оваа опција. На тој начин во сетапот би била вклучена и апликација за контролирање на дронот.
На почетокот на ноември, претставниците на Mazda поднеле уште еден патент за заштита кој предвидува како да се заменат класичните копчиња во кабината, со решение кое предвидува употреба на холограми.