Канадско-американскиот милијардер Елон Маск е критикуван на кинеските социјални мрежи бидејќи, како што е наведено, неговите два сателита за малку ќе се судреле со голема кинеска вселенска станица.

Најбогатиот човек на светот, кој беше избран за личност на годината во 2021 година во анкета на списанието Time, во Кина е познат по електричните возила Tesla, но активностите на неговата компанија за вселенски истражувања SpaceX предизвикаа критики на социјалните мрежи.

Според документот кој Пекинг го испратил до Канцеларијата на ОН за вселенски прашања во Виена во декември, кинеската вселенска станица Тиангонг морала да маневрира двапати во јули и октомври за да избегне „средба“ со леталата на SpaceX.

Пекинг информира дека неговата вселенска агенција морала да реагира за да се осигура безбедноста на самите астронаути.

Од SpaceX досега не реагираа на тие информации, што не им се допадна на корисниците на социјалните мрежи во Кина.